Експертизата за опожарениот мост „Беласица“ е направена од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени и драфт верзијата е предадена во Град Скопје, потврди за МИА директорот на Институтот, професор Михаил Гаревски.
Од визуелната инспекција, вели Гаревски, не е забележана ниту на еден дел од мостот изложеност на каблите за преднапрегање, туку тие се скриени со заштитниот слој на бетон. Овој е основниот услов и затоа оштетувањата се мали.
Иако оштетувањата се мали, посочува, сепак ќе треба да се изврши санација.
Потребна е санација на плочата над примарните цевки за парно со торкретирање за да се врати заштитниот слој од бетон кој ја штити ребрастата арматура од корозија. Потребно е и да се врати паднатиот бетон на некои површини од долната плоча и вертикалните ребра на сандачестите носачи. За да може да се спроведе санацијата на мостот неопходно е да се извадат цевките за парно кои се наоѓаат под мостот, појаснува професорот.
Според Гаревски, ќе биде потребен месец и половина само за да се тргнат цевките, и тоа под услов да почнат утре, па дури потоа да почне санацијата.
„Ќе бидат потребни најмалку 3 до 4 месеци додека целиот мост не биде саниран. Задачата ми беше да ја направам оваа експертиза и да го класифицирам оштетувањето на мостот, но јас сакам да помогнам и сакам да се вклучам. Еве на некој начин сугерирав една фирма кој има машини за трокретирање на бетон. Добро ќе биде ако на почетокот или средината на септември може да се вози по мостот“ – Михаил Гаревски, Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени
Мостот Беласица денеска требаше да биде и главна тема во градското собрание, но Арсовска не дојде. 15 минути пред да почне седницата испратила допис во кој вели дека не и одговарал терминот и дека нема да се појави.
„Датумот за советнички прашања беше навестен пред еден месец, а поканата беше испратена на 15 јуни. Значи имало доволно време за приспособување на календарот и нема никаква оправданост за отсуство.“ – Трајко Славески, претседател на совет
По ова следеше бурна реакција од советниците. Од ВМРО-ДПМНЕ прашаа каде е отидена и зошто не е присутна?
„Данела Арсовска, скопјани те прашуваат каде си во моментов и што е поважно од градот Скопје и од скопјани? На Арсовска и е поважно да шета некаде низ светов за лични интереси за коишто, исто така, ќе треба да даде отчет, што имаат скопјани од секое патување? За што се трошат парите на скопјани? За патувањата на Арсовска и екипата околу нејзе?“ – Марија Андоновска, ВМРО-ДПМНЕ