Албанските партии од опозицискиот блок денеска ја официјализираа соработката. Трите партии, Демократско движење, Движењето Беса и Алтернатива, на плоштадот „Скендербег“ја промовираа коалицијата под име „Европски сојуз за промени“.
Лидерите на трите партии порачаа дека овој сојуз ќе донесе промени кај Албанците. Изет Меџити рече дека на следните парламентарни избори ќе одат со заеднички листи за пратеници, додека коалицијата ќе има и кандидат Албанец за претседател.
„Ќе одиме со заеднички листи на албанската опозиција која продолжува да се засилува до парламентарните избори. Ќе имаме и заеднички кандидат за претседател поддржан од албанската опозиција и од сите Албанци“, рече Меџити.
Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами ги повика членовите на Алијанса за Албанците да се приклучат кон промената.
„Што се однесува до АА, имајќи ги предвид нивните контрадикторни позиции, ги повикуваме гласачите и членовите на АА кои сакаат промени и доброто на Албанците да дојдат овде. Нивното раководство е на другата страна и зошто е тоа така нека ви кажат тие“, рече Касами.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши рече дека при уставните измени барањето на албанската опозиција ќе биде враќање на достоинството на албанскиот јазик како службен јазик.
„Крајно време е навредливите уставни формулации за албанскиот јазик да станат минато. Навистина е важно да се исполни обврската да се вклучат Бугарите во Уставот, но подеднакво важно е и достоинството на Албанците“, рече Гаши.
Во наредниот период, партиите ќе работат на составување на заедничката изборна програма. Меџити, Касами и Гаши ги поканија сите субјекти кои сакаат промени да се приклучат кон оваа иницијатива. Истакнаа дека за коалицирање со македонскиот блок ќе се разговара по парламентарните избори.