Гаши најави опозициски прашања без паузи. Оваа измена доаѓа по последната ваква седница, која пропадна откако првата едночасовна пауза ја побара координаторката на ДУИ, Рина Ајдари, бидејќи собраниската сала беше празна, со барање да се соберат министрите кои требаше да одговараат на прашањата а втората пратениците на ЗНАМ. Па така двата часа поминаа без ниту едно поставено прашање до министерите, што предизвика жестока расправија во собраниската сала.

На денешниот брифинг со новинарите Гаши кажа дека со координаторите на пратеничките групи се договориле да нема паузи, освен ако нема навистина потреба за тоа, со цел да има продуктивно трошење на времето наменето за прашања и одговори.

„Паузи нема да има, освен ако не се суштински. Ќе има два часа ефективни прашања“, кажа спикерот на денешниот брифинг со новинарите.

Во однос на присутноста на министрите за време на седниците, Гаши тврди дека нивното присуство значително се подобрило.

„Имало ситуации кога девет месеци кога не сме имале опозициски прашања. Не почнавме така славно, така беше кулутрата. Мислам дека присуството се подобри – 99% од министрите се тука. Министерот за економија на почетокот не присуствуваше, но на последните неколку месеци е меѓу најредовните. Јас сум ги опоменал министрите да бидат присутни на опозициските прашања, но повеќе не можам да направам“, кажа Гаши.

По последната пропадната седница поради паузите, опозицијата повторно ќе ја испрашува Владата на крајот на овој месец – за што е постигнат договор меѓу сите пратенички групи. Декември, традиционално пратениците имаат прилично набиена агенда. Се очекува на дневен ред да биде ставена интерпелацијата на министерот за локална самоуправа, повеќе закони меѓу кои прво Законот за трансформација на работните односи, а ќе има и пратенички прашања пред заокружувањето на 2026 година.