Во пресрет на одбележувањето на Денот на независноста, во Собранието беше одржан прием на кој претседателот Африм Гаши зборуваше за единството, потребата од суштинска сплотеност и визијата за иднината на Mакедонија.

Тој пред присутните истакна дека државата има потреба од вистинска заедништво кое ги прифаќа разликите како предност.

„Главната порака што сакам да ја упатам на оваа годишнина од независноста е сплотеноста. Ние, како млада држава, имаме потреба од многу нешта, но мислам дека пред сè и најмногу ни е потребна сплотеноста. Не униформна и погодна, туку суштинска сплотеност. Таа што ги почитува разликите и истите ги претвора во богатство, а не во поделба. Секој од нас треба да почувствува одговорност да не поттикнува поделби, туку да гради мостови, да не ја користи разликата како ѕид, туку како прозорец преку кој се гледаме поблиску еден со друг,“ изјави Гаши.

Во продолжение потсети дека државноста веќе трае 34 години и нагласи дека „време е  Македонија да се издигне на нивото што го заслужува“.

„Можеби по големина ние сме мала држава, но, сме голема по можности, аспирации и амбиции. Ние сме центарот на балканот и е време овој центар да зрачи со стабилност, култура, знаење и вредности, како што зрачеше и во нашето богато минато. Значајно и за нас и за целата човечка цивилизација,“ рече тој.

Гаши нагласи и дека независноста не претставува подарок, туку завет што се пренесува низ генерации.

„Независноста не е подарок, таа е завет – завет од минатото, обврска за сегашноста и патоказ за иднината. Таа е завет оваа земја да биде наш заеднички дом, татковина на сите нејзини луѓе, без поделби и без исклучоци. Таа е завет разликите да не нè разделуваат, туку да нè зближуваат, да нè збогатуваат, да нè прават посилни. Овој завет нè обединува и денес, и ќе нè води и утре – кон поголема слобода, кон правда и кон заедничка иднина во која секој човек ќе се чувствува свој на своето,“ порача претседателот на Собранието на приемот по повод претстојниот празник 8 Септември.