Африм Гаши се враќа на должност по хоспитализацијата – упати јавна благодарност

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, попладнево се огласи преку својот фејсбук-профил, изразувајќи благодарност за грижата и поддршката што ја добивал во изминатите два дена додека бил хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје. Хоспитализацијата била предизвикана од преплет на цревата, но третманот поминал без потреба од хируршка интервенција.

„Чувствувам внатрешен порив длабоко и искрено да им се заблагодарам на сите кои се погрижија за мене во овој период. Посебна благодарност до директорот на Клиниката, проф. д-р Огнен Костовски, лекарите, медицинските сестри и до целиот здравствен персонал“, напиша Гаши. Тој се заблагодари и на пријателите, колегите, сограѓаните, институциите и медиумите за поддршката и убавите зборови.

Болничкиот третман поминал успешно

Како што беше соопштено претходно денеска од Собранието, Гаши е пуштен од болница и неговата здравствена состојба е стабилна. Тој бил примен доцна вечерта во вторникот со болки во стомакот, по што бил примен на Клиниката за дигестивна хирургија. Според информациите, состојбата не барала хируршка интервенција.

Повторно на функција

Гаши во својата објава истакна дека по закрепнувањето се враќа на извршување на своите јавни должности, свесен за одговорноста која ја носи.

„Благодарение на Бога, мојата здравствена состојба сега е стабилна. Се враќам повторно на извршување на јавните должности, свесен за одговорностите што ги носам и исполнет со љубовта што ја добив“, напиша тој.