Би сакал секој пратеник да гласа и да одлучи по свое сопствено убедување и со чиста совест на утрешната седница на која на дневен ред е мојата интерпелација. Ги молам и пратениците од мојата коалиција Вреди да гласаат на таков начин, порача вечерва претседателот на Собранието Африм Гаши и нагласи дека токму тоа е суштината на демократијата.
Како што кажа во интервју за ТВ Сител, не гледа дека со нешто ги прекршил своите овластувања и додаде дека најчесно и најодговорно ја врши својата работа како што знае, а утре пратениците ќе кажат дали е така или не. Убеден е, како што рече, дека вистината ќе излезе на виделина.
– Интерпелацијата е демократска алатка што ни овозможува да даваме отчет пред пратениците и пред граѓаните. Ќе ја почитувам секој одлука што ќе ја донесе Собранието. Убаво е сите да имаме различни мислења и токму тоа е суштината на демократијата, а би било лошо да има едноумие, систем што го поминале. Среќен сум што има интерпелација за да објасниме некои работи што и беа претставени на јавноста. Ќе образложам се како што било и се надевам дека пратениците ќе одлучат според нивната совест. Имам мирна душа и чиста совест дека со ништо не сум предизвикал таква хистерија во јавноста. Во интерпелацијата во суштина нема ништо дека се прекршени принципите во работењето на Собранието или дека се скратени права на некој пратеник или пратеничка група, туку е за тривијални теми за некои медиуми кои сакаат лајкови и коментари на социјалните мрежи, рече Гаши.
За инцидентот што го предизвика неговото обезбедување на Меѓународниот аеродром во Скопје во случајот со претседателката на Косово посочи дека тој го испратил обезбедувањето како претходница бидејќи планирал и самиот да оди таму зашто имал информации дека може да се случи инцидент и сакал да ја смири ситуацијата.
-Имав информации дека може да дојде до потежок инцидент, реагирав и кога сакав да тргнам натаму слушнав дека е се решено и добро е што не дојде до поголем инцидент. Јавноста беше лошо информирана за тоа. Првата реченица која ја кажав за тој настан е дека секој што згрешил треба да одговара. Треба да се научиме дека никој не е над законот и секој кој ќе погреши, без разлика дали сум јас или кој било друг, никој никого не треба да штити, рече Гаши.
За патувањето на неговото семејство на веселба во Косово вели дека било уредно најавено два-три дена пред да се случи и дека биле побарани и скенирани нивните пасоши.
-Не е точно дека поминале граница без контрола. Сите контроли се поминати како што е по закон. Го известив моето обезбедување и сите органи на државата и МВР и МНР. Два- три дена претходно сите податоци и сите пасоши беа скенирани и испратени таму. Нема ништо спорно, посочи Гаши.
За намерата на Уставниот суд да отвори претставката за утврдување на уставноста на Законот за употреба на јазиците вели дека е убеден оти Законот е базиран на амандман на Уставот што е внесен уште во 2001 година и дека нема ништо спорно.
-Како институции треба да се однесуваме демократски. Кога знаеме дека сме во право и дека така пишува во Уставот зошто да се плашиме дека некој ќе го интерпретира на поинаков начин, рече Гаши.
Оцени дека членството во НАТО и ЕУ се клучни за опстанокот во државата и дека се едно од најбитните сврзни ткива што ги држи сите граѓани и сите заедници заедно.
– Овој пат сме го трасирале во 90-тите години и секогаш мнозинството граѓани застанувале зад овие два процеси. На пат сме да ја оствариме и втората цел и мислам дека освен една партија никој нема против нашата држава да стане членка на ЕУ. Сакаме интеграција, но не по цена на загрозување на идентитетот, јазичен и културен на Македонците и на било која етничка заедница во државата. Сакаме да одиме во Европа со нашите идентитети и богатството на различности што го имаме, а не под услови некој да биде доведен во ситуација да биде загрозен и да не се чувствува комотно во својата идентитетска компонента да си го сака и да си го почитува македонскиот јазик, идентитет и култура, рече Гаши.
Посочи дека е реална европската перспектива на земјава и порача дека може да се преговара за се што е на маса.
– Една од алатките на интеграцијата на сите земји во Европската Унија е дијалогот. Се надевам дека со новите избори во Бугарија ќе има стабилна влада и институции за да можеме да седнеме и да разговараме со нив. Убеден сум дека и кај нив ќе профункционира „сенсот“ дека ние сме соседни држави и дека е заеднички интерес и на нашите две држави и на регионот и на ЕУ, Република Северна Македонија што побрзо да стане членка на Европската Унија, потенцира Гаши.