Гаши со осуда за говорот на омраза

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, настапи со остра осуда за говорот на омраза и  скандирањето на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија, што се одигра во Куманово во саботата. На натпреварот, неколкумина присутни во спортската сала извикувале навредливи и ксенофобични пораки.

„Кога спортот, кој треба да биде мост на обединување, се претвора во сцена на омраза и поделби, сите треба да застанеме на момент и длабоко да размислиме за тоа што се случува со нашето општество,“ напиша Гаши во објава на Фејсбук.

Тој изрази длабока загриженост и чувство на одговорност во врска со настанот. Како што нагласи, внимателно ги следи реакциите на јавноста и институциите, кои веќе преземаат активности за да го адресираат инцидентот што се случил за време на натпреварот во Куманово.

Гаши нагласи дека е свесен за чувствителноста на моментот и важноста секој збор да биде внимателно избран и да придонесува за обединување.

„Денес сакам да им се обратам на сите граѓани на Република Северна Македонија, без разлика на етничка, јазична или политичка припадност,“ напиша тој.

Според него, навредливите скандирања и говорот на омраза што се слушнале во салата не го отсликуваат духот на спортот, ниту пак вредностите врз кои се темели македонското општество. Тие, како што подвлече, не го претставуваат ни духот на граѓаните.

„Општество што тежнее да биде дел од европското семејство мора да се гради врз основа на почит, достоинство и еднаквост за сите граѓани,“ истакна претседателот на Собранието.

Гаши порача дека секоја форма на говор на омраза мора да биде јавно осудена, особено кога има цел да ги разделува луѓето врз основа на етничка или национална припадност.

„Република Северна Македонија е мултиетничко општество и Албанците се државотворен народ. Ги повикувам сите институции, сите политички партии, сите граѓани, да застанеме заедно против омразата,“ напиша Гаши.

Во својата порака, тој додаде и дека е неопходно сите да се издигнат над поделбите и да се заложат за поправедна, почесна и пообединета иднина.

„Тоа треба да биде нашиот пат. Тоа е наша должност,“ заврши Гаши.