Во судницата во Идризово заврши изјаснувањето на обвинетите по однос на вината во случајот „Пулс“, во кој загинаа 62 лица. Ниту еден од присутните обвинети не призна вина, пренесе 4news.mk.
Сопственици и вработени во „Пулс“
Првообвинетиот Дејан Јованов – Деко кратко изјави: „Не се чувствувам виновен за кривичното дело кое ми се става на товар“.
Поранешниот управител Митко Стојанов изрази каење, но не и кривична вина: „Жалам за изгубените животи и кога би можел, животот би го дал за некои од нив. Сочувство до семејствата“.
Тодор Јованов, задолжен за влезници и родител на повредено дете во пожарот, рече: „На сите оштетени им посакувам брзо опоравување. Како родител на повредено дете изразувам сочувство, но за оваа трагедија не се чувствувам виновен“.
Градоначалници и политички фигури
Дел од обвинетите функционери ја критикуваат правната постапка како селективна. Актуелниот градоначалник Љупчо Папазов рече: „Ова е конструирано обвинение. Разбирам за што сум обвинет, но не може да се избегне впечатокот дека истрагата е селективна“.
Поранешниот директор на ДЗС, Шабан Салиу, оцени дека процесот е „политички мотивиран и правно неоснован“.
Инспектори и службеници
Градежниот инспектор Огњан Георгиев рече: „Немам никаква вина и треба да сум ослободен. Обвинет сум само за тука да има повеќе луѓе на број“.
Пазарниот инспектор Весна Кузмановска емотивно додаде: „Дечиња има таму, другари на моите деца… Сочувство, но не чувствувам вина“.
И останатите инспектори и службеници (Љупчо Стаменков, Николчо Гоцев, Зоран Николовски, Беким Максути, Аднан Џафероски) се изјаснија дека не се виновни.
Обезбедување („Рубикон“) и други
Вработените во агенцијата за обезбедување тврдат дека се обидувале да спасат животи. Мартин Ѓорѓиев рече: „Делата кои ми се ставаат на товар не ги прифаќам. Ние како обезбедувачи го ризикувавме нашиот живот за да спасиме што повеќе луѓе“.
Стојанчо Димитријев додаде: „Чувствувам само голема болка и жал што не успеав да спасам многу повеќе“.
Вина негираа и Ивица Грозданов, Јане Јанчевски, како и сопственикот Александар Нацев, чиј предмет беше дополнително споен со случајот.
