Општината инвестира во сите области на живеење

Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите четири години, значеше голема трансформација и развој на општините. И покрај опструкциите на поранешната влада, со одлучност за промени и визија за развој на општините, градоначалниците изнаоѓаа начини и средства за инвестиции, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Општина Гази Баба во изминатите четири години го бележи својот најголем историски развој, инвестирајќи во сите области.

„Со реализирани 670 проекти се вложуваше во образованието, спортот, културата, патната и подземна инфраструктура, се доделуваа субвенции за енергетско ефикасно затоплување на домовите на граѓаните. Ликот на општината постепено се менуваше со асфалтирање и поплочување на 170 улици, а во населените места Црешево, Смилковци, Страчинци, Гоце Делчев, Јурумлери, Трубарево и Чукур Маало се изгради 32 километри нова канализациона мрежа. По долги години образовен процес во старите и дотраени бараки, се гради нова училишна зграда за ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто, а се градат и две нови детски градинки во Трубарево и Инџиково, а наскоро ќе започне градба и на уште две градинки“, се наведува во соопштението.

Спорт и култура

„И во спортот се инвестираше како никогаш досега, така се изградија две нови спортски сали во Булачани и Стајковци, а во моментов се гради и третата во Црешево“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Исто така, се изградија четири спортски центри во населените места Стајковци, Инџиково, Идризово и Хиподром, 35 спортски терени со тартан подлога, 6 спортски терени со вештачка трева и пет фитнес зони на отворено. Во изминатите четири години, не беше запоставена ниту културата, се почна и сега е во завршна фаза комплетната реконструкција на Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто. Посебно внимание се посвети на животната средина. За ефикасно, економично и еколошко загревање на домовите, се воведоа мерки за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима уреди, печки на пелети, чистење на оџаци, набавка на велосипеди и тротинети, како и субвенции за вградување на уреди на течен нафтен гас во возилата и за сончеви колектори. За четири години во Гази Баба се вложуваше во сите области на општественото живеење и се развиваа сите населени места“, посочуваат од партијата.