Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денес беше на увид на градежни активности во Општина Гази Баба заедно со градоначалникот и кандидат за уште еден мандат, Бобан Стефковски.
Николоски посочи дека проектот за реконструкција на главната улица „Палмиро Тољати“, која е од поважните сообраќајници во општина Гази Баба, е начинот на кој целосно се решаваат проблемите во општините и во населбите.
„Тука сакам да му честитам на градоначалникот за начинот на кој сето ова е предвидено, испроектирано и се реализира, и сум убеден дека после неколку недели или месеци кога ќе заврши целата оваа работа, целата населба ќе добие комплетно нов лик и ќе стане многу поатрактивно место за живеење. Се работи за една пријатна населба, за едно убаво место за живеење кое сум убеден дека ќе стане многу атрактивно, особени и во услови кога луѓето бегаат од градскиот метеж, градската гужва и од загадувањето во текот на зимата“, рече Николоски.
Додаде дека со ова што го прави градоначалникот, освен решавање на инфраструктурните и сообраќајни проблеми, ја зголемува и вредноста на целокупниот имот во населбата.
Николоски посочи дека и во иднина ќе продолжи поддршката за општина Гази Баба, каде градоначалникот води одлична политика, при што општината добива целосна трансформација во овие четири години.
„За жал, од тие четири години, три години немаше некоја добра соработка со претходната влада на СДСМ и ДУИ, но во последната година и три месеци се обидуваме заеднички да го компензираме тоа што можеме. А, ветувам дека во следните четири години, во заедничка соработка помеѓу владата, министерството за транспорт и општината ќе реализираме бројни проекти“, истакна Николоски.
Николоски ја искористи можноста и најави голем инвестициски циклус, каде покрај средства од општините и Владата, обезбедени се и финансии од Светска банка.
„Најавувам еден голем инвестициски циклус, којшто покрај средствата од општината и оние редовни средства коишто владата ги префрла, а до сега инвестираме некаде околу 500 милиони евра во сите општини заедно, ќе има и дополнителни средства коишто министерството за транспорт во соработка со Светска банка ги има обезбедено и ќе почнеме да ги реализираме во годините 2026, 2027, 2028 и 2029“, потенцираше Николоски.