Генералниот секретар на Алтернатива Зеќирие Ибрахими за „Слободен печат“ ја потврди информацијата дека претседателот на партијата Африм Гаши вчера се сретнал со поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев.
Ибрахими не открива детали за што зборувале Гаши и Заев, но вели дека секако тема не била уривање на Владата на премиерот Димитар Ковачевски.
„Средбата во никој случај не била за урување на Владата на Ковачевски. Владата ќе ја оставиме самата да потоне, оти и онака идната пролет ќе падне“, вели Ибрахими.
Тој објаснува дека средбата меѓу Заев и Гаши била претходно планирана, но поради приватни обврски на Заев таа се реализирала вчера.
На средбата Гаши и Заев размениле мислења за политичките случувања во Македонија.
Алтернатива ја напушти Владата откако по влезот на Алијанса за Албанците на „Илинденска“.
Независниот пратеник и поранешен сопартиец на Гаши, Скендеер Реџепи на Фејсбук објави фотографија од средбата помеѓу Гаши и Заев во Струмица.
„Прашање за 1 милион евра? Што побара денес Африм Гаши од Зоран Заев и зошто мораше да оди дури до Струмица?“, праша Реџепи.