Иако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, деновиве преку социјалните мрежи порачуваше дека нема да се постапува со емоции и еуфорија, по објавата на ВМРО-ДПМНЕ дека е направено ново мнозинство во парламентот за пад на владата, за денеска се очекува да заседава раководството на интегративците.
Како што е најавено, Генералниот совет на ДУИ денеска треба да одржи состанок во партиското седиште во Тетово.
Од опозициските партии, пак, вчера уште еднаш порачаа дека ќе падне владата во која се ДУИ и СДСМ.
Политичките партии кои не беа дел од злото што го произведоа хибридниот режим меѓу најкорумпираните во светот, ги надминаа разликите и создадоа ново мнозинство, на кое ќе продолжат да се додаваат прогресивни и храбри луѓе. Државата ќе има нова влада без СДСМ и ДУИ и нема враќање назад – порачаа вчера од Алијанса за Албанците.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, на прес-конференција соопшти дека до понеделник ќе чекаат премиерот Зоран Заев да поднесе оставка, а доколку тоа не се случи, ќе ја почнат процедурата за изгласување недоверба на Владата.
Говорејќи за следните чекори Мицкоски порача дека прво ќе се обиде да формира влада, а доколку не успее, ќе се оди на брзи предвремени парламентарни избори.
Во периодот што следи ќе се обидам, повторувам ќе се обидам да формирам нова влада и тоа ќе се случи само доколку бидам сигурен дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет, влада со силни институции кои ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите и промените кои следат. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам полна ефикасност на владата потребна за справување со кризите, борба против корупцијата и криминалот, коишто се клучниот проблем во нашата држава, понатаму полна ефикасност на владата, тогаш она што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори, за народот на Македонија да одлучи за новата иднина – изјави Мицкоски.