Македонската полиција учествува на Генералното собрание на СЕПКА
Во Валона, Албанија, се одржа Генералното собрание на СЕПКА, Асоцијацијата на шефови на полициите од Југоисточна Европа. Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, заедно со свои соработници, присуствуваше на настанот, нагласувајќи дека заедничките и синхронизирани напори на регионалните полици ќе ја зајакнат борбата против организираниот и транснационалниот криминал.
– Единствено преку тесна меѓународна соработка полициите можат ефикасно да ги откриваат и дејствуваат против криминалните мрежи. Криминалците нема да имаат мир во ниту една земја, порача Јанев.
Тој додаде дека македонската полиција во 2025 година остварила околу 40 отсто зголемување во размената на информации со меѓународните партнери.
– Македонската полиција останува посветена на унапредување на регионалната и меѓународната соработка, особено во борбата против сите облици на криминал, и континуирано презема активности за детектирање и идентификување на криминалните групи, истакна Јанев.
СЕПКА како клучна платформа за полициска соработка
Генералниот директор на албанската полиција, Илир Прода, го оцени форумот како „најсеопфатна и најфункционална платформа за полициска соработка во регионот“.
– Нашите полиции зборуваат заеднички јазик, размислуваат синхронизирано и дејствуваат со јасни заеднички цели. СЕПКА денес е сериозен партнер на Европската Унија, специјализираните агенции и меѓународните партнери кои ги поддржуваат нашите напори за безбедност и стабилност во Југоисточна Европа, рече Прода.
Фокус на организираниот криминал и илегалните активности
Средбата беше посветена на борбата против организираниот криминал, недозволената трговија со тешки дроги, илегалната миграција, криумчарењето на мигранти и трговијата со луѓе.
Претседавањето со СЕПКА за 2026 година ќе го преземе делегацијата на Босна и Херцеговина, продолжувајќи ја координираната регионална соработка за безбедност и стабилност во Југоисточна Европа.
