Кандидатот за градоначалничката функција на СДСМ и Коалицијата „Најдобро за мојата општина“ и се уште актуелен градоначалник на Охрид, Константин Георгиески, на денешниот прв официјален прес по повод почетокот на предизборната кампања за престојните Локални избори 2021 ги повика граѓаните да гласаат за најдоброто за градот за тимот што цврсто чекори по патот на промените.

– Охрид е повеќе од обичен град, Охрид е светско наследство и национална гордост. Заедно со Вас, јас и мојот тим сме горди што како генерација докажавме дека умееме да искористиме историската шанса – да го зачуваме богатството што ни е оставено во аманет. Резултатите од нашата работа се видливи, постигнавме многу, но сега е време да продолжиме во остварување на нашите цели, да се обврземе дека ќе работиме уште повеќе за интересите на градот, рече Георгиески.

Според него, Охрид заслужува да биде град со најдобар квалитет за живот, град во кој луѓето ќе се враќаат и ќе ги градат своите семејства.

– Успеавме да ја оствариме нашата најважна мисија, а тоа е реализација на процесот на раздолжување на општината со што исполнивме едно големо ветување пред вас, рече Георгиески.

Како реализирани зафати за време на неговиот досегашен мандат потсети дека во градот се спроведени сериозни капитални инвестиции за реконструкција на важни градски сообраќајници, низа проекти во градските училишта, демонстрирана е доследност во исполнувањето на препораките на УНЕСКО…

– Врз основа на потребите на заедницата во текот на престојниот мандат носиме нови и квалитетни решенија за секој граѓанин да добие подоби услови во својата средина, проекти за подобра инфраструктура и урбано планирање, заштита на животната средина, современ туризам, побрз локален економски развој и социјална сигурност за младите, нашата програма е втемелена на вашите потреби и врз основа на реални визии, рече Георгиески.

извор: МИА