На ова реагираше ЗНМ, осудувајќи го, како што посочи, „непринципиелниот однос на новиот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, да ги отстрани присутните сниматели, а притоа да им биде дозволено присуство на новинарите на седницата“.

– Ова е лоша пракса, што може да биде лесно преземена и од други институции и да придонесе кон нарушување на правото на јавноста да биде целосно информирана за работата на судските власти. Фактот дека една долго воспоставена позитивна пракса за следење на расправата со присуство на сниматели е прекината со едно нелогично образложение дека снимателите ја попречуваат работата и влијаат на концентрација на присутните, без притоа претседателот Георгиев да објасни на кој начин снимателите одеднаш станаа пречка за работењето на советот, наведе вчера ЗНМ.

Оттаму посочуваат дека не гледаат никаква оправданост во причината на оваа донесена одлука, од страна на претседателот Георгиев.

Георгиев беше избран за претседател на Судскиот совет на 4 мај, откако на 26 април на јавна седница беше разрешена неговата претходничка Весна Дамева. Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот за остратнување на Дамева од претседателското место. Дамева, која по гласањето за нејзино разрешување обвини дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката ја оцени како противзаконска и донесена „за да се задоволат одредени поединци од политиката“. Реакции дека разрешувањето на Дамева е нелегално имаше и од експерти и претставници на од невладиниот сектор.  (МИА)