„Веќе година и скоро 11 месеци оперативно сум градоначалник со мојата администрација. И можам да кажам дека иако влеговме во еден тежок период во 2021 година, каде што и самата општина имаше извесни долгови, но бевме и затечени од една голема економска криза, криза која што беше во светски рамки. И во тој период исто така драстично поскапи електричната енергија и јавните претпријатија во рамки на Општината беа во една тешка и безизлезна ситуација. Се случи војната во Украина и се случи инфлацијата, која што покрена еден бран на поскапувања каде што неминовно не не избегна и нас локалните институции. И во сите тие околности мислам дека општина Илинден и те како добро се држеше“, истакна градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски во утринска емисија на Алфа телевизија.
Георгиевски додаде дека денеска Општина Илинден е во многу подобра ситуација и финансиски и кондиционо од она што беше пред две години. Тој дури нагласи дека се надева дека општина Илинден ќе биде успешна општина како што и доликува.
„Во однос на Програмата, таа се одвива согласно зацртаните параметри и до сега си се реализира согласно проекциите кои што ги имавме зададено. Овие работи можеби на почетокот малку се изместија во однос на проекциите, но, како изминува времето не само што одиме согласно Програмата, туку и одиме над остварувањето на Програмата, со многу проекти“, рече градоначалникот на општина Илинден.
Тој посочи дека за жал освен Општината што се труди со свои капацитети и со свои ресурси да работи на реализација на проектите и овозможување на подобри услови за живеење во истата општина, друг никој не помага. Односно Општината наидува на многу опструкции од централната власт. И истата таа централна власт не дава поддршка на Општината.
„Изминатиов период се што побаравме, за се бевме закочени“, нагласи Георгиевски.
„Имаше многу проекти кои што се поврзани со централната власт, ние баравме соработка со нив за да можеме да ги реализираме. И тоа иако не се директна надлежност на Општината. Ние сакаме да помогнеме и тие да ги реализираме. Но, еве баравме конкретна соработка со нив. Општината со свои ресурси направи целосно нов проект за изградба на нов Здравствен дом во Илинден. И ние бевме спречени да влеземе и да го финансираме. Истиот за да се финансира треба согласност од министерството за здравство. Но истото тоа министерство не дозволи. Уште во 2022 година се обративме неколку пати и имавме со тогашниот министер и средби, т.е. со Кабинетот негов. И од таму ни беше ветувано дека ќе се разгледа нашето барање и од тогаш нема ништо“, појасни Георгиевски.
Тој рече дека тоа е едно од есенцијалните барања на граѓаните во општина Илинден.