Тензијата и турбеленциите и денеска беа присутни во судскиот совет. Едногласно беше донесена одлуката од сите членови дека на судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова им престанаа мандатите во Судскиот совет, пренесе Макфакс.

Врховната судијка Радева Стефкова детално образлжи што и пречи во Судски совет, потенцирајќи ги одлуките кои се носеле, а посочувајќи го и разрешувањето на Весна Дамева од претседателската функција кое го нарече – незаконско. Герасимовски пак, посочи дека ќе биде подобро да суди во Апелација оти таму нема доволно судии.

„Откако сум член на Судски совет, тоа е неполна година, имаше определени моменти кога јас наидов на определени разидувања со определени ставови на Советот. Тоа е одбивањето на Судски совет да ги достави списите на Врховен суд по изјавени жалби од судии – што сметам дека не требаше така да се одлучи. Првите постапки на Судски совет во однос на избор на судии во повисок суд, со новиот закон на Судски совет, како што беше изборот на Апелација-Гостивар. Сметам дека Советот со тоа што не избра судии во највисокиот суд од Кривична област, како и што избра судии во Гостивар, со непочитување на ранг листата, без образложение – не е транспарентна постапка. Советот треба да биде отчетен при носење на одлуките. Дојде и седницата за разрешување на претседателот на Судски совет, што за мене е незаконита. Мене ми пречеше што одлуката беше без образложение. Последно се состојбите со меѓучовечките односи што се нарушија, што претставува пречка за нормално функционирање и остварување на функциите“, кажа рече судијката Мирјана Радевска-Стефкова.

Герасимовски им се заблагодари на колегите што го трпеле.

„Во овие осум месеци наидов на идеолошки разединувања со членовите, а со последните превирања, сметам дека треба да си поднесам оставка од проста причина што сметам дека поголем придонес ќе дадам како судија во Апелациониот суд во време кога судовите се натрупани со предмети, отколку како член на Судски совет. Сакам да додадам уште кратко дека иако јас и колешката даваме оставки и се враќаме таму од каде дојдовме, сметам дека овој состав на Судски совет има капацитет да се справи со сите предизвици кои стојат пред истиот и Судскиот совет да го доведат таму каде му е местото. Ви благодарам на колегите што досега ме трпевте. Некогаш бев гласен, некогаш не се согласувавме со ставовите, ви благодарам, ако некого сум навредил, не било ништо лично“, рече судијата Зоран Герасимовски.

Експретседателката Весна Дамева им посака успешна кариера.

„Упатувам благодарност до колегите во Советот, почитувани судии со интегритет. Ви посакувам успешна судска кариера“, рече Дамева.

Двајцата судии, сами дадоа оставки од функциите во Судски совет.