Герасимовски ќе преземе обврска на Арсовска

Општина Центар ќе го чисти сметот во градот поради потфрлањето на Град Скопје. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, објави дека општината ќе преземе мерки за чистење на јавните површини на територијата на Центар, поради потфрлањето на Град Скопје во извршувањето на оваа надлежност.

Општина Центар го обвинува Град Скопје за хаосот со ѓубрето

Реакција по вчерашната ситуација

Градоначалникот изрази незадоволство од состојбата на центарот на градот:

„Вчерашната глетка беше страшна за центарци, недозволиво е центарот на градот да изгледа така поради неизвршувањето на работата од страна на Градот Скопје. Решивме да се мобилизираме и самите да го исчистиме Центар затоа што градската администрација подолг временски период доцни со чистењето на градот и нашата општина.“

Организација на акцијата за чистење

Герасимовски најави дека ќе одржи состанок со вработените од јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар – ПОЦ“ за да организираат голема акција за чистење на критичните локации во општината.

„Денеска ќе одржам состанок со цел организирање голема акција за чистење на критичните места на територија на општината. Ова не е првпат Општина Центар да го чисти сметот на градот Скопје, но не смееме да дозволиме Центар да биде преплавен во смет поради негрижата на градската власт,“ истакна Герасимовски.

Претходни акции на Општина Центар

Герасимовски потсети дека кон крајот на минатата година Општина Центар ја исчисти депонијата во близина на трговскиот центар Ист Гејт Мол, иако таа не беше под надлежност на општината, туку на Град Скопје.

„И тогаш, и сега, непостапувањето на Град Скопје нема да не спречи да преземеме акција. Срамота е и недозволиво ова што се случува во центарот на градот, каде што доаѓаат голем број туристи. Наместо да бидеме пример за чист град, ние се гушиме во смет.“

Апел за подобри услови за граѓаните

За крај тој нагласи дека општината повторно ќе ги засука ракавите за да обезбеди подобри услови за живот на граѓаните.

„Кога Градот Скопје не може, тогаш Општина Центар може,“ порача градоначалникот.