Коалицијата Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија (ПП-ДБ) нема да поддржат влада со мандат или учество на ГЕРБ. Ова денеска го изјави лидерот на Продолжуваме со промените, Кирил Петков на заедничка прес конференција со другите партиски челници.

– Нашата одлука да не ја поддржиме ГЕРБ во првиот мандат се заснова на вредности. Тоа што го видовме во минатиот парламент и на овие избори се заснова на овие вредносни разлики. Ќе разговараме со сите партии, бидејќи на бугарските граѓани им ветивме јасни политики за справување со актуелните проблеми. Почнувајќи од буџетот, кој не може да биде заложник на разговорите меѓу политичките партии – рече Петков.

Според него, ако ГЕРБ не успее да формира влада со првиот мандат, ПП-ДБ ќе предложи кабинет со вториот мандат.

Првиот човек на ГЕРБ, Бојко Борисов пред два дена соопшти дека единствената задача пред новото Народно собрание е формирање редовна влада.

Тој рече ќе биде пратеник во 49. Народно собрание и лично ќе ги води преговорите со другите партии.

Аналитичарите во Бугарија, пак, сметаат дека земјата ќе продолжи со генерирање кризи.

„Бидејќи ниту ГЕРБ, ниту ПП-ДБ не можеа да соберат критична маса гласови за да ѝ се стави крај на политичката криза, Бугарија тргна во насока на претседателско владеење. Претседателот Румен Радев практично ја користи извршната власт преку привремените кабинети што ги назначува од мај 2021 година. Реизбран за втор мандат во 2022 година, Радев е во силна политичка позиција. Без редовна влада на власт, тој го има последниот збор преку привремениот кабинет за критичните одлуки – дали Бугарија ќе испраќа оружје во Украина или како да го приспособи енергетскиот сектор на земјата на регионалниот и глобалниот пазар што брзо се менува. Работите да бидат уште полоши, шефот на државата не одговара пред законодавниот дом, кој мора да се самораспушти секогаш кога нема да гласа за новата влада“ – рече универзитетски професор Димитар Бечев.