Германски самоодни хаубици пристигнаа денеска во Украина, со што Германија за првпат по рускиот напад на 24 февруари испорача тешко оружје.
-Благодарам на Германија за испорачаните хаубици, се заблагодари преку Твитер украинскиот министер за одбрана Олексеј Ресников на германската колешка Кристин Ламбрехт.
Станува збор за веќе ветените седум самоодни хаубици од типот 2000, кои Германија ги вети на почетокот на мај.
Украински војници поминаа неколку недели во базата на Бундесверот во Идар-Оберштајн, каде што научија да ракуваат со ова тешко оружје, кое, според Бундесверот, е меѓу најмодерното оружје што го поседуваат германските воени сили.
Германската влада денеска објави список на оружје што досега и го доставила на Украина, вклучително и самоодните хаубици. Ова е првпат Владата да даде прецизен список на испорачано оружје.
Холандија треба да испорача уште пет хаубици од ист тип произведени во Германија.