Германија најсилно погодена од растот на цените на горивата
Германија се соочува со значително поголем раст на цените на горивата во споредба со останатите земји од Европската унија, при што бензинот во последните недели поскапел за речиси 5 проценти, што е над европскиот просек, објавува Euronews. Ескалацијата на конфликтот во Иран придонесе за зголемување на цените низ Европа, но ефектот во Германија е поизразен.
Според податоците на Европската комисија, покрај Германија, силен раст е забележан и во Холандија, Данска и Финска. Во Холандија бензинот достигнал просечна цена од 2,17 евра за литар, додека во Германија изнесува 2,08 евра. Финска, пак, се издвојува со високи цени особено кај дизелот.
Даночната политика како клучен фактор
Главната причина за повисоките цени во Германија се националните даноци и акцизи. Земјата традиционално применува повисоки давачки за фосилните горива, како дел од еколошките политики и финансирањето на инфраструктурата, дополнети со данок на емисии на CO2.
Ова значи дека при раст на цените на глобалниот пазар, германските потрошувачи автоматски плаќаат повеќе. Во споредба со тоа, во многу други европски држави ДДВ и акцизите се пониски, што ја ублажува ценовната динамика.
Влада и индустрија во судир околу цените
Поради сомнежи дека растот на цените е непропорционален, германската влада формираше работна група која треба да анализира можни мерки и да ги испита деловните практики на нафтените компании. Дел од европските земји веќе воведоа ограничувања – во Хрватска цената е фиксирана на 1,50 евра по литар, додека во Унгарија постојат лимити за домашните жители.
Министерката за економија Катерина Рајхе оцени дека цените брзо растат, а бавно се намалуваат, нагласувајќи дека владата сака да го „скрши овој механизам“. Работната група упати критики до нафтените компании за „прекумерно зголемување на цените“ и побара проширување на овластувањата на Федералната канцеларија за картели.
Истовремено, нафтената индустрија ги отфрли обвинувањата, посочувајќи дека маржите останале непроменети и дека повеќе од половина од цената на горивото се должи на даноци и акцизи, префрлајќи ја одговорноста кон државата.
