Во Германија утре се избира нов претседател, а актуелниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер има најдобри шанси да остане на највисоката политичка функција во земјата и во следните пет години.
Претседателот се избира во таканареченото Сојузно собрание, тело од 1.472 членови и составено од сите 736 пратеници на Бундестагот, како и исто толку претставници на сојузните покраини.
Партиите од владејачката коалиција: Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Зелените и Либерално-демократската партија (ФДП), како и опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ, кои го поддржуваат реизборот на Франк-Валтер Штајнмаер, имаат мнозинство од 1.233 гласови. Со тоа изборот на Штајнмаер уште во првиот круг е речиси сигурен.
Покраинските парламенти во Сојузното собрание испраќаат и луѓе од јавниот живот, а меѓу нив годинава ќе се најде и Оезлем Туеречи, ко-основачката на „БиоНТек“, компанијата која ја произведе првата вакцина против коронавирус, а меѓу членовите годинава ќе биде и Саша Станишиќ, писател со босанско потекло.
Покрај Штајнмаер, на предлог на Левица за највисоката политичка функција во земјата се кандидираа и докторот Герхард Траберт, членот на Христијанско-демократската унија Макс Оте и кандиодатката на Слободните избирачи, физичарката Стефани Гебауер. Но, сите овие кандидати немаат поголеми шанси за успех, пред се, поради односите во Сојузното собрание.