Германскиот Бундестаг денеска ќе расправа и гласа за резолуција за поддршка на зачленувањето на Македонија во ЕУ, на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет. Таа е насловена како „Активно поддржете ја Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“ и е предложена од владејачката парламентарна група на СПД, Зелените и ФДП.

Во германскиот Парламент ќе се дебатира и за други документи во чиј фокус е евроинтергацијата и ситуацијата на Западен Балкан.

Германски пратеници ќе побараат од федералната Влада да постигне на ниво на ЕУ согласност дека изгледите за пристапување во ЕУ за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“.

 

Покрај тоа, ќе биде предложено со земјите кандидати да се договорат меѓучекори за поблиски врски со ЕУ на патот кон ЕУ, како што е асоцијативното членство во заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика без право на глас и начин за пристапување кон внатрешен пазар на ЕУ во замена за реформи и спроведување на критериумите од Копенхаген, како и напредок во владеењето на правото.

Но, наспроти сите оптимистички најави од страна на власта, резолуцијата на германскиот Бундестаг во суштина ќе биде само обична патерица на која не ќе можеме со сигурност да се потпреме.

Зашто, таа не менува ништо. Тоа што е како гаранција потребно е некаква декларација или резолуција на Советот на ЕУ. И сите тврдења на власта дека тоа е невозможно паѓаат во вода со конкретниот пример во односите меѓу Србија и Косово.

 

Тука има уште една друга, скриена димензија во која се кријат двојните стандарди и аршини на Германија. Ѓаволот, нели, се крие во деталите.

Веројатно во јавноста е малку познато дека во подготвувањето на бугарскиот проект „Бугарската политика спрема Република Македонија“ од 2007/2008 година, што денес во целост се спроведува од страна на официјална Софија во односите со нашата држава, биле вложени и европски, односно германски пари!

Непосреден учесник во подготовката на негаторската бугарска политика кон Македонија била невладината Фондација Манфред Вернер, а како конкретни имиња се споменуваат д-р Живко Георгиев, директор за стратешки истражувања, и Надежда Стојанова, програмски директор на истоимената фондација.