Најголемата германска издавачка куќа Axel Springer, која меѓу другото го издава таблоидот Bild, најави масовни отпуштања и делумна замена на отпуштените работници со вештачка интелигенција.

Ќе треба да се збогуваме со колегите кои досега ги извршуваа функциите што вештачка интелигенција ги извршува во дигиталниот свет“, се наведува во интерниот мејл што менаџментот им го испратил на вработените, пренесуваат германските медиуми.

Во редакцијата, многу работни места поврзани со лекторирање или визуелен дизајн на страници може да се отстранат.

како што јави германската новинска агенција dpa, засега е предвидено отпуштање на повеќе од 200 вработени.

Раководството на Axel Springer објави дека целта е „социјална грижа“ за работниците кои би останале без работа.

Откажувањата и зголемената употреба на вештачката интелигенција се поврзани со стратегијата за целосно свртување кон дигиталното издание на дневните весници како Bild или Die Welt и укинување на печатените изданија.

Под влијание на мерките за штедење се и регионалните канцеларии и издавачките куќи.

Со околу 1,1 милион отпечатени примероци, Bild е сè уште најтиражниот германски дневен весник. Но, во последните години тиражот е во постојан пад.
Bild во 2013 година продаде двојно повеќе печатени примероци од денес.

На крајот на 2021 година, Bild го отпушти и главниот уредник Џулијан Рајхелт поради обвинувања за злоупотреба на моќта и сексуално вознемирување на колешките, а правната битка со поранешниот уредник сè уште трае.