Германскиот амбасадор во Албанија Петер Зинграф, категоричен е дека Северна Македонија не треба да се одвојува од Албанија во евроитегративниот процес.
За телевизија Ора њуз, коментирајќи ја изјавата на премиерот Еди Рама, дека доколку во јуни не се отворат преговори за Албанија од земјите од ЕУ, тој ќе бара одвојување од Северна Македонија, германскиот дипломат нагласува дека Северна Македонија заслужува да се почека, потсетувајќи го при тоа Рама за 2020 година кога „таа сакала да ја почека Албанија“.
– За нас беше изненадување фактот што во овој процес се вмеша едно прашање меѓу Северна Македонија и Бугарија. Во 2020 година Северна Македонија мораше да ја чека Албанија во контекст на интегративниот процес и сега имаме иста ситуација. Сите работат со одреден притисок за да се избегнат и отстранат овие пречки што стојат на патот. Француското претседателство е подготвено да ја свика првата меѓувладина конференција во краток рок. Мислам дека Македонија заслужува да се чека и да се покаже солидарност со неа, изјави Зинграф.
Германскиот амбасадор порача и дека земјите од регионот треба да ја продолжат соработката врз основа на Берлинскиот процес, како иницијатива што донесе конкретни чекори во приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.