Германскиот канцелар Олаф Шолц не верува дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп би можел пак да биде избран за претседател. На настан организиран од весникот Аугзбургер Алгемајне, тој кажа дека е многу поверојатно повторно да биде избран актуелниот претседател Џо Бајден.
Шолц не сакаше да коментира конкретно дали германската влада е подготвена за изборна победа на Трамп.
Шолц го пофали Бајден за „неверојатното искуство во меѓународната политика“ и неговите „добри проценки“.
Според германскиот канцелар, Бајден има најголем потенцијал да се справи со поделбите во американското општество.
„Ако некој има шанса да ги надмине овие поделби, тоа е демократскиот претседател Бајден“, рече Шолц.
Трамп првин треба да победи на внатрепартиските избори за претседателски кандидат и во моментов има убедливо најголем рејтинг меѓу републиканските кандидати.