Данскиот ас предупредува на тежок старт на ЕП против цврстиот македонски тим

Македонија ќе биде првиот противник на Данска на Европското првенство, а актуелниот фаворит предупредува дека стартниот натпревар ќе биде сериозен тест. Данскиот репрезентативец Матијас Гидсел истакна дека неговиот тим е подготвен, но дека дуелот со Македонија ќе бара максимален ангажман од самиот почеток.

Според Гидсел, селекции како Македонија секогаш знаат да го направат мечот исклучително тежок, пред сè поради силната и агресивна игра во одбраната. Данска, како што вели, ќе се обиде да го наметне својот ритам и да избегне влегување во премногу физички дуели.

„Добро сме подготвени. Знаеме дека ваквите репрезентации секогаш го прават натпреварот многу тежок. Тие играат исклучително физички. Нашата цел е да го задржиме високиот интензитет, да играме побрз ракомет и да не влегуваме премногу во физички дуели со нив. За повеќето од нас, најважно е во петок да ја почувствуваме арената, подлогата и атмосферата, да ја тргнеме почетната нервоза и потоа целосно да се фокусираме на остатокот од турнирот“, изјави Гидсел.

Данскиот репрезентативец нагласи дека првиот натпревар на големо натпреварување секогаш носи дополнителен притисок и дека е важно тимот брзо да влезе во натпреварувачки ритам и да ја надмине почетната трема.

Натпреварот меѓу Данска и Македонија ќе се одигра на 16 јануари со почеток од 20:45 часот и ќе биде прв испит за двете селекции на Европското првенство.