Независниот синдикат за образование и наука очекува Владата сериозно да го сфати револтот на просветните работници кој е таложен со години и да ја зголеми платата на наставниците.
Во образование не смее да има плата пониска од републичкот просек, вели претседателот на НСОН Томислав Гиевски.
Гиевски вели дека тие како просветни работници ќе најдат начин како да се надополни пропуштеното за учениците, а очекува од родителите да се солидаризираат и да не се прават проблеми доколку училишната година се продолжи за неколку денови.
Да престанат родителите да ги навредуваат наставниците по социјалните мрежи, едноставно да научат на кој начин се прави социјална борба и се гради единство. И очекуваме дека после овој масовен штрајк ќе почне да се враќа достоинството на просветните работници за кое ќе треба уште синдикална работа и заложби, додава Гиевски.

Лидер: Членството на СОНК ја одби понудата на Владата за покачување на плата од јули за 12 проценти, дали Независниот синдикат за образовани и наука застана зад одлуката да се продолжи штрајкот?

-Одлуката за поддршка на генералниот штрајк е сеуште на сила. Истата е донесена на начин да важи се додека е во сила и Генералниот штрајк. Нашите членови го искористија правото на штрајк и можам со задоволство да кажам дека е многу повисок процентот на членови на НСОН кои учествуваат во процесот на штрајк во споредба со синдикатот кој што го покрена штрајкот. Бидејќи таква е структурата на нашите членови, и сме ги научиле со текот на годините дека треба да бидат поборбени за сопствените работнички права.

Лидер: Се ближи крајот на учебната година. Револтот кај власта и кај родителите е се поголем во однос на децата, како ќе се заврши учебната година, дали ќе се продолжи со настава и после 10 јуни, како ќе се крати наставната програма. Што мислите како ќе се одвива процесот?

-Револтот на власта е неоснован, револтот на учениците и родителите го разбираме, но очекуваме и тие да не разберат нас како просветни работници дека колективите договори со години не се почитуваат. Не се почитуваат во делот на методологијата за пресметка на плата и не се почитуваат во делот на датумот за исплата на плата. Ние како синдикат во многу наврати сме кажувале, но надлежните биле глуви на нашите укажувања за прекршувањата на колективните договори и сме дошле до ваква ситуација.
Топло препорачуваме на Владата сериозно да го сфати револтот на просветните работници којшто е насобран со години. Под итно да најде решение за проблемот и да си продолжиме со тековните активности. Пред нас е месец мај, го имаме месец јуни. Ние како просветни работници имаме методи и начини како да се исправи она што е загубено во текот на штрајкот. Но најважната лекција на учениците ќе им ја покажеме дека во ова општество во нашата држава, мора луѓето да се научат дека треба да бидат сложни и треба да се борат за сопствените права. Тоа е најдобрата лекција што ќе им ја покажеме ние како просветни работници на нашите ученици.

Лидер: Како може да го исправите она што се загуби со штрајкот? Ќе има ли продолжување на учебната година и што доколку после 10 јуни родителите не ги пуштат учениците на настава?

-Родителите доколку не ги пуштат децата на настава-тоа е пред е нивно право на избор. За тоа не би сакал да коментирам. Фер би било да се солидаризираат. Ние како Независен синдикат сме се солидаризирале со нивни проблеми, со социјални проблеми, финасиски. Фер е во општеството да се развие еден социјален аспект, не да си држиме инает меѓу себе, тука да си се поддржуваме и почитуваме.
Ние како Независен синдикат ќе продолжиме да поддржуваме било каква активност на група луѓе кога ќе имаат одреден проблем и очекуваме истиот оној пристап кој ние сме го имале како активисти да го имаат и родителите. Да почне ова општество да се гради солидарно, затоа што врз основа на солидарност се градат сите западно-европски демократии. Очекувам после 30 години држава и кај нас да се развие чувството на солидарност и кај родителите, дека нема да се ставаат во ситуација да се надмудруваме кој што направил, туку во интерес на образованието, во интерес на вторите родители на децата, односно просветните работници дека ќе се почитуваат сите нормативи и ако се продолжи годината за некоја недела дека тие нема да прават проблеми.

Лидер: Каков исход очекувате од штрајкот?

-Очекувам две работи. Прво очекувам да сфатат колегите, мнозинството од нив, да речам 50 проценти кои со години сме ги убедувале дека треба да бидат дел од синдикат и да бидат синдикално активни, кога синдикат ќе ги повика во синдикална активност.
Очекуваме Владата да ја зголеми платата на просветните работници, со почетна плата која нема да биде под републичкиот просек. Очекуваме да се зголеми достоинството на просветните работници. Да престанат родителите да ги навредуваат по социјалните мрежи, едноставно да научат на кој начи се прави социјална борба и се гради единство. И очекуваме дека после овој масовен штрајк ќе почне да се враќа достоинството на просветните работници за кое ќе треба да продолжиме да работиме со многу синдикални активности.