Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска во Битола не даде директен одговор на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК до кога ЕУ ќе ја толерира Бугарија, која иако не ги почитува пресудите на судот во Стразбур за малцинските права на Македонците на своја територија, ја кочи Македонија за влез во ЕУ барајќи таа да почитува бугарско малцинство?

Евроамбасадорот рече дека прашањето се однесува на билатералните односи меѓу двете земји и дека за пристапните преговори со ЕУ секогаш е од огромна важност да се развиваат позитивни меѓусоседски односи.

„Најважно е дека постои договор меѓу двеет земји и повеќе од јасно е дека постојат обврски од него кои двете страни ги имаа преземено, договорот за пријателство треба посветено да се имплементира од двете страни. Но, тоа што ние сакаме да видеме е оваа земја да биде оценета врз основа на прогресот што ќе го постигне по патот на реформите, токму напорите треба да бидат фокусирани во тој поглед, а тоа значи креирање на работни места и реформи во енергетскиот сектор, животната средина, владеењето на правото. Ова се прашања кои имаат директно влијание врз животот на граѓаните на оваа земја“, рече Гир.