Евроамбасадорот Дејвид Гир денес изјави дека Европската Унија наскоро треба да излезе со став во врска со измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа лавина реакции во јавноста, како во однос на нивната содржина така и околу самата процедура при нивното донесување по скратена постапка (со европско знаменце), објави Фокус.
-Мислам дека тие се проучуваат од колегите во Брисел и сигурен сум дека наскоро ќе има одговор на тоа прашање, изјави кратко Гир, на новинарско прашање за измените на Кривичниот закон.
Идентичен беше и неговиот одговор на прашањето како ја коментира самата процедура, односно носењето на измените со европско знаменце.
-И двете прашања верувам дека ќе бидат одговорени од Брисел во скоро време, изјави Гир, кој учествуваше на регионалниот форум Родова еднаквост во пристапните процеси во ЕУ.