Новак Ѓоковиќ и официјално нема да биде дел од турнејата во Соединетите Американски Држави, бидејќи не доби медицински исклучок, а невакцинираните странци не смеат да влезат во земјата до мај.

 

Потврда дека нема да заигра во САД дојде преку социјалните мрежи на турнирот Индијан Велс, бидејќи објавија дека Николос Басилашвили ќе го замени Србинот во ждрепката. Иако постојат минимални шанси да се појави во Мајами, не постојат индиции дека властите во САД ќе направат исклучок во случајот на прославениот тенисер.

 

Ѓоковиќ нема настап на Индијан Велс и во Мајами од 2019 година, па така не треба да брани бодови на турнирите. Сепак, постои можност да падне од врвот на АТП ранкингот, ама за тоа треба Карлос Алкараз експресно да ја надмине повредата.

 

Забраната за влез на странци без сертификат за вакцинација завршува во мај, а тоа значи дека Ѓоковиќ ќе има право за настап на последниот Грен Слем, УС Опен.