Транспарентност за имотната состојба

Ѓорчев појасни дека неговиот имот е предмет на проверка од сите релевантни институции во Македонија во последните седум години, односно од 2017 до 2024 година. Тој рече дека нема нерегуларности во неговите трансакции и дека секој поголем финансиски трансфер бил евидентран од државните институции, кои редовно следат за потеклото на средствата.

Наследен имот од семејството

Еден од клучните делови во објаснувањето на Ѓорчев е неговото наследство од семејството. Тој детално го опиша имотот кој го наследил од своите предци:

• Земјиште во село Трстеник, Свети Николе: Овие ниви се во сопственост на неговото семејство повеќе од 100 години. Ѓорчев нагласи дека ова е имот од неговите дедо, прадедо и чукун-дедо. Покрај тоа, тој посочи дека се работи за недовршена карабина, која неговио татко ја изградил пред речиси 30 години, но изградбата била стопирана поради имотно-правни прашања во поширокото семејство.

• Имот во населбата Керамидница, Скопје: Оваа куќа била купена од неговиот дедо околу 1955 година. Имотот сè уште не е поделен меѓу наследниците, поради комплексни семејни прашања, откако дедото на Ѓорчев починал пред 21 година.

• Стан во населбата Аеродром: Купен е пред речиси 30 години со средства кои неговите родители ги заработиле работејќи како доктори во Ирак, за време на војната меѓу Ирак и Иран (1980–1988). Ѓорчев објасни дека родителите одлучиле да му го подарат станот за да се избегне продажба, откако не можеле физички да го поделат имотот по нивниот развод во 2008 година.

Куќа во Бардовци и наследство од сопругата

Ѓорчев исто така ја спомна и куќата во населбата Бардовци, која била купена во 2012 година, со средства од наследството на неговата сопруга. Тој нагласи дека средствата биле предмет на строги банкарски контроли во Канада, САД и Македонија. Во истата година, Ѓорчев подлежал на детална инспекција од Управата за јави приходи (УЈП) за неговиот имот, која не нашла никакви неправилности. Секој денар од неговото наследство бил документиран и целата процедура била професионално завршена.

Дел од акции и возила

Ѓорчев објасни дека акциите кои ги поседува биле купени легално преку банки, со средства од наследството на неговиот татко, неговата мајка и бабата и дедото на неговата сопруга. Наследството од странство, како што рече, поминало низ легални банкарски процедури во САД и Канада, пред да стигне во Македонија.

Ѓорчев истакна и дека автомоблот Фолксваген, кој е стар 13 години, бил купен како половно возило од родителите на неговата сопруга во 2013 година, бидејќи во тоа време планирале да имаат четири деца. Вториот автомобил, Фиат 500 Х, го наследил од својот татко, а сега е стар 9 години и проценет на околу 8.000 евра.

Јавна улица во Бардовци

Ѓорчев објасни дека формално е „сопственик“ на дел од јавна улица во Бардовци, заедно со уште 19 комшии. Тој нагласи дека тоа е заеднички пат кој го користи целото село и дека земјиштето има вредност од 0 денари, бидејќи на него не може да се гради ништо.

Ѓорчев ја заврши својата реакција со нагласување дека за секој дел од својот имот има документирано потекло, стекнато преку легални трансакции. Тој додаде дека целиот живот се трудел да живее чесно и дека неговиот образ останува чист, без скандали и афери.

„Никогаш не сакам од мене да се срамат моите родители, моето семејство и моите деца. Така се однесувам и така живеам,“ заврши Ѓорчев.