Повеќе од две децении сум во вашите домови на фреквенцијата на македонската телевизија, пренесувајќи ви ги случувањата од Македонија и од светот. Јас како Гордана Ѓорчева, говорам на македонски јазик, а македонскиот јазик е моја алатка, изјави новинарката Гордана Ѓорчева на денешниот протест „Ултиматум – не благодарам“.
Таа истакна дека македонскиот јазик е сврзното ткиво меѓу Македонците, јазикот не е само средство за комуникација, македонскиот јазик во себе ги чува историјата, посебноста, традицијата, културата, македонскиот јазик во себе ја чува иднината.
– Невозможно е да се премолчи фактот дека соседна држава, соседен народ, соседна наука го негира постоењето на македонскиот народ и тоа да биде прифатено. Дури и како издвоено мислење тоа да биде нагласен дел помеѓу Македонија и ЕУ, тоа не може да биде дел од документ, барем не дел од ЕУ која почива врз начелото за правата на човекот, правата на еднаквостите, истакна Ѓорчева.
Таа посочи дека македонскиот јазик е јазик на кој е пренесувана македонската историја, македонскиот јазик е јазик на македонската наука, македонскиот јазик е јазик на македонската борба за слобода и еднаквост во припадноста во светската цивилизација.
– Негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европските интеграции со прифаќањето на еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите ниту за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки, рече Ѓорчева.
Ѓорчева нагласи дека во документот за преговори никаде немаме гаранција дека во ревизијата или во оние годишни извештаи нема да се појават проблематизирања и инсистирања за јазикот во учебниците или поставената линија од Бугарија во 1945 година.
– Кодификација не значи измислување на јазик, бидејќи тој постоел и во непишана форма. Вакво негирање е незапаметено во современиот свет. Жално и срамна е понудата на ваков документ со ултиматум, потенцираше Ѓорчева.