Во ниту едно современо општество не смее да се толерира какво било прекршување на човековите права, каква било форма на дискриминација или насилство.
Ова е пораката на Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на државата Стево Пендаровски, која вечерва се обрати на настанот по повод годишната кампања „16 дена активизам за да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата“ под глобалната тема „Портокалови на светот: Крај на насилството врз жените сега“, што се одржа во Филхармонијата во Скопје.
Таа упати апел и до сите надлежни институции да имаат сериозен пристап кон пријавите, да се постапува навремено, соодветно и најважно доверливо.
– Сведоци сме дека и покрај пандемијата со Ковид-19 се соочуваме со уште една пандемија, пандемија на родово базирано насилство. Паралелно на кампањите за да останеме безбедни, во текот на оваа пандемија се покажа дека домот за жал не е безбедно место за многу жени. Напротив, повеќето случаи се случуваат токму на местото кое треба да биде најбезбедно засолниште за жените, а повеќето од сторителите се сегашен или поранешен партнер на жртвата, рече Ѓоргиевска.
Пошироката јавност, истакна таа, треба да биде алармирана дека родово базираното насилство не избира место ниту време, не познава националности, ниту културни граници, социјален статус или пак возраст. Секој од нас, потенцира, може да биде жртва на родово базирано насилство, тоа е прашање на човековите права.
Според неа, најважно е жените и девојчињата прво да бидат информирани за своите права и да знаат да го препознаат родово базираното насилство и второ оние што се жртви да се охрабрат и да го пријават тоа.
– Никој не заслужува да страда и не смее да молчи, децидна е првата дама на државата.
Оцени дека во нашата земја поразително е што само два проценти од жените кои доживеале насилство од страна на нивниот сегашен партенер, пријавиле во полиција.
– Оваа ниска стапка на пријавување на насилство се должи во голема мера на недоверба во институциите, на стравот од стигматизација и на страв на уште понегативни последици за безбедноста по животот на жените, рече меѓу другото Ѓоргиевска.
Додаде дека од исклучителна важност е и образованието, едукацијата за родова еднаквост, за родово базирано насилство, како да се препознае, да се спречи, да се пријави.
Смета дека за да се постигне суштински напредок во оваа област мора да вложуваме контиунирани напори во унапредување и поддршка на иснституциите кои работат во превенција на насилството и заштита на жртвите.
Стоп за насилството врз жените и девојчињата вечерва повикаа во нивните обраќања и евроамбасадорот Дејвид Гир и Клеменс Која, шеф на Мисијата ОБСЕ во Скопје.
– Во 21 век, мораме да признаеме дека родовото насилство сè уште се случува во секое општество и во секоја земја. И, трагично и шокантно, сè уште останува главно непријавено и неоспорено, рече Гир.
Во јануари 2021 година, нагласи евроамбасадорот Гир, земјата постигна важен напредок со усвојување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Друг важен развој, подвлече, беше владиниот предлог за измена на Кривичниот законик за усогласување со Истанбулската конвенција.
Охрабрувачки е, смета тој, што општинските центри за социјални работи соработуваат со граѓанските организации кои нудат засолништа за жртвите на насилство.
– Сепак, сè уште постои недостаток на соодветен капацитет во центрите за засолниште. А, постои недостиг на експертиза во полицијата за справување со ситуации кои вклучуваат семејно насилство. Родовата политика во ЕУ е управувана од новоусвоената Стратегија за родова еднаквост. Тоа е во согласност со заложбите на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за постигнување Унија за еднаквост до 2025 година. Целта е Унија во која жените и мажите, девојчињата и момчињата, во сета своја различност, се слободни да го следат својот избран пат во животот и да имаат еднакви можности во европското општество. Ова неизбежно вклучува искоренување на родово базираното насилство. Но, тоа значи и решавање на сите околности кои водат до такво насилство. Станува збор за предизвикување родови стереотипи; затворање на родовите јазови на пазарот на трудот, зајакнување на жените во економијата, постигнување родова рамнотежа при одлучувањето, рече во обраќањето евроамбасадорот Гир.
Нагласи дека ЕУ ќе продолжи да и помага на Македонија во борбата против родовото насилство и во постигнувањето родова еднаквост. Претстојната помош на ЕУ, најави, ќе се однесува на соработка меѓу институциите и прашањето за специјализирани, прилагодени услуги за жртвите на насилство: жени, но и мажи, ЛГБТИ-лица или жртви на трговија со луѓе.