Неспособноста и агресивноста на Арсовска кулминираше во последните 24 часа. Освен тоа што на очиглед на целата јавност може да се забележи дека истата нема капацитет, е некадарна и неспособна за водење на Град Скопје, со последната нејзина активност и обидот да се пише казна по џебот на граѓаните на Кисела Вода покажува дека ниту си ги знае своите надлежности, ниту си ги знае своите ингеренции, и што е најстрашно според мене ниту пак знае која е територијата која што истата ја администрира, вели градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски на денешната прес конференција.

Ѓорѓиевски нагласи дека после претворањето на градот и на општините во депонија од страна на Арсовска и Комунална хигиена, тие како градоначалници се самоорганизирале за да го исчистат сметот и да се реши проблемот.

-После претворањето на сите општини и градот Скопје во една голема депонија и со неспособноста на градот да се справи со состојбите како такви, барајќи изговори и вперувајќи прст во било кога освен себе, како општини и градоначалници излеговме со помош на наши колеги од соседни општини, но и ширум Македонија, да ние се справиме со проблемот и да им излеземе во пресрет на нашите сограѓани, за проблемот кој што го создаде Гард Скопје, Данела Арсовска и Комунална хигиена. По бројните реакции од наши сограѓани се самоорганизиравме и започнавме активност која што го разбуди градот, па после нашата активност свика и Кризен штаб, активност во која што почнавме самите да ги чистиме улиците и да го чистиме отпадот, рече тој.

Ѓорѓиевски ги отфрли обвинувањата дека Кисела Вода нема договор со Дрисла за одложување на отпадот, посочувајќи дека има одлука која е јавно достапна донесена уште во 2005 година каде што се наведени општините кои што можат да одлагаат отпад во ЈПО Дрисла и со тоа да им се изготви фактура и да им се наплати.

-Има одлука и ова е јавно достапна донесена уште во 2005 година каде што се наведени сите општини кои што можат во секое време да одлагаат отпад во ЈП Дрисла. И за тоа да им се изврши мерење на отпадот, да им се изготви фактура и да им се наплати, дециден е Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски нагласи дека само неколку дена пред неделата каде што им се забрани одлагање на смет и отпад во ЈП Дрисла општина Кисела Вода одлагала отпад во претпријатието, а за тоа и на прес конференцијата покажа фактури за наплата.

-Дека лажат дека сме немале договор сакам да ви приложам и фактури влезни до општина Кисела Вода и тоа неколку дена пред неделата кога бевме попречени да го одложиме отпадот во ЈП Дрисла. Фактури упатени од ЈП Дрисла до Кисела Вода со кантарски белешки на која што може да се забележи тежина на отпад со кој што е направен влез и за истите е изготвена фактура. Што значи уште едно побивање на лагите на Данела Арсовска и тие неколкумина нејзини соработници околу неа кои што се обидуваат да ја замајуваат јавноста со манипулации, изјави Ѓорѓиевски.

-Додека се спречуваше камионите од Кисела Вода и од Сопиште камионот кој што беше испратен на помош на нашата општина да одложат отпад во Дрисла, возила со италијански регистарски таблички селективно но и други возила беа пропуштани да влегуваат во ЈП Дрисла и да одлагаат отпад, вели Ѓорѓиевски.