Лаги се денешните обинувања за фамилијарни врски со лица од мојот кабинет.Тоа што некој по игра на случајност има исто презиме со мене, кое е често, не значи дека ми е роднина. Затоа ќе поднесеме тужби за клевета.
Вака го започна своето обраќање градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во врска со обвинувањата изнесени на денешните прес конференции на СДСМ. Наспроти ова, тој денес, од говорница, ги изнесе документите со кои јавно ги објави лицата кои во времето на градоначалникот Филип Темелковски, воопшто не биле видени на работа, а Општината им исплаќала баснословни суми. Некои од нив и во висина од 90 000 денари месечно. Од говорница, Ѓорѓиевски ги читаше имињата на вработените роднини на градоначалникот, роднини на директорот на затворот Скопје, кумовите на неговите браќа и пријатели, звучни лица познати во јавноста по конекциите со СДСМ, кои биле ангажирани од страна на Темелковски и кои, најави Ѓорѓиевски ќе треба да ги враќаат парите. За овие четири години за вакви 120 партиско-роднински вработувања Темелковски исплатил околу 3. 800 000, 00 евра.
Тоа е повеќе од половина буџет на Општина Кисела Вода или, толку чини изведбата на една фекална канализација. Тоа им го одзел на нашите жители, градоначалникот од партијата чии советници денес имаат образ да излезат на прес конференција и да ја лажат јавноста, истакна Ѓорѓиевски. Ги праша и дали како советници не се срамат што, лице кое ја застаувало нивната политичка опција, покрај наведените времени вработувања, вработило и 64 лица во редовен работен однос, додека тие лицемерно говорат за пренатрупаната администрација. Сите претходни градоначалници заедно, немаат вработено толку лица колку што тоа упеал да го стори Филип Темелковски самостојно, додаде Ѓорѓиевски. Наспроти тоа, јас, сум вработил вкупно еден човек. Тоа е секретарот на Општината и тој е презеден од друг институција.
Во своето обраќање градоначалникот Ѓорѓиевски се осврна и на изнесените обвинувања за лицата кои се дел од неговиот кабинет и дел од тимот кој е задолжен да му помогне за спроведување на програмата. Ги претстави нивните професионални достигнувања и кажа дека е горд на секој од нив, бидејќи за 120 дена сработиле колку што Петре Шилегов и Филип Темелковски не сработеле за 4 години. Воедно, потсети на проектот Стоп за урбаната мафија и ревизијата, чии резултати наскоро ќе ги обелоденат криминалите на претходната власт. Оттука, потенцираше тој, го сфаќам вашиот страв и обидот преку лаги да ги дискредитирате лицата со чија помош ги спроведуваме промените и го менуваме ликот на Кисела Вода.
Додаде дека во многу скоро време ќе биде обелоденета уште една голема афера и дека за тоа ќе се бара одговорност. Ваквите прес конференции со кои СДСМ се обидува да ги излаже граѓаните и да го сокрие сопствениот криминал, нема да не поколебаат да го обелодениме ниту да ја направиме Кисела Вода непрепознатлива, но во поинаква позитивна смисла-нагласи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.