„ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија чии темели се засноваат токму на постоењето и на работењето за подобра Република Македонија. Ние сме вистински показател како се работи со душа и со срце, и како се сака Република Македонија“, истакна Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода на денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ на тема „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“.
Ѓорѓиевски посочи дека владата нема компас подолг временски период. И затоа се потребни на Република Македонија итни и неодложни промени односно избори час поскоро и нов премиер, а тоа е Христијан Мицкоски. Токму Христијан Мицкоски ќе покаже како државата се сака со дела, а не со празни зборови и криминал како што тоа го прави Социјалдемократскиот сојуз години наназад.
„Јас наследив општина која што не четири туку повеќе години беше во еден зимски сон практично во хибернација. Општина која што имаше огромни проблеми поврзани најмногу со подземната инфраструктура и надземната инфраструктура. Општина која што јас ја затекнав со над 3 ипол милиони евра долг, морам да потенцирам над 3 ипол милиони евра долг“, нагласи градоначалникот на Кисела Вода.
Тој додаде дека од денешна перспектива Општината денес нема долг. А, патем има реализација на проекти како никогаш досега во општината.
„Кога сме кај подземната инфраструктура морам да истакнам дека за година и половина колку што јас и мојот тим ја администратираме општината Кисела Вода имаме изградено канализациони системи и мрежа на над 6 километри. Водоводна мрежа над 4 ипол километри, и една бројка импозантна која што Владата ја нема сработено за години наназад, а тоа е во однос на средување на патната инфраструктура и асфалтирање за година и шест месеци имаме асфалтирано над 40 километри улици во Кисела Вода. Нешто што не се случило во општината 30 години наназад и нешто што Владата не успеа за седум години“, нагласи Ѓорѓиевски.
Тој рече дека над 400 дечиња чекаа да бидат запишани во градинки, сега во моментов по отворање на две нови градинки за година и половина списокот е намален на само 110 деца. Во тек е нова реконструкција на еден објект, а за два месеци од денес започнуваме со изградба на уште една градинка.