Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, најави дека ќе испрати писмена покана за средба до градоначалниците на Карпош и Струмица за состанок кој ќе се одржи во понеделник во ЗЕЛС. Целта на оваа средба е да се надминат недоразбирањата кои се појавија меѓу локалните и централните власти, а Ѓорѓиевски изрази оптимизам за успешен исход.
Ѓорѓиевски подготвен да посредува во решавање на проблемите
-
„Со градоначалникот Јакимовски имавме неформална средба, на која заклучивме дека тој нема забелешки кон ЗЕЛС, туку проблемите се поради недоразбирање со поедини министри од централната власт. Како Претседател на ЗЕЛС, се понудив заедно со потпретседателите Висар Ганиу и Перо Костадинов да посредувам и да помогнеме да се реши ова на цивилизиран начин. Се надевам дека со ваков пристап ќе ги надминеме проблемите, како и претходно, и дека ќе се постигне договор што ќе биде од корист за сите граѓани,“ изјави Ѓорѓиевски.
Покана за состанок со цел решавање на недоразбирањата
Како што најави Ѓорѓиевски, ЗЕЛС ќе упати писмена покана до двајцата градоначалници за состанок, со учество на раководството и директорката на ЗЕЛС, на кој ќе се разгледаат причините за недоразбирањата и ќе се дискутираат сите проблеми. Ѓорѓиевски посочи дека целта е да се најде заедничко решение за оваа ситуација што ќе биде од полза за сите вклучени.
Ѓорѓиевски: Излез од ЗЕЛС го одобруваат советите на општините
Во однос на неодамнешните изјави на градоначалникот на Струмица за истапување од ЗЕЛС, Ѓорѓиевски појасни дека не добиле прецизни причини за ваков чекор, освен споменувањето на проблемот со водоводнио проект и недостигот на средства од Владата за истиот.
-
„До ЗЕЛС вчера попладне пристигнаа две изјави од градоначалникот на Струмица и од општина Струмица, кои информираат за намерите за повлекување од ЗЕЛС, без конкретно објаснување. Според градоначалникот Костадинов, проблемот лежи во финансирањето на водоводниот проект и недостатокот на средства од Владата, но не сметам дека тоа е доволна причина за недоразбирања. За тоа дали една општина ќе се изземе од ЗЕЛС одлучуваат советите на општините, а не самите градоначалници. Верувам дека и двајцата градоначалници ќе прифатат да присуствуваат на средбата и дека ќе постигнеме договор во интерес на граѓаните и заедништвото,“ изјави Ѓорѓиевски.
-