Државата ги презеде сите механизми што ги има в раце за спроведување на антикризните мерки, посочи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи при денешната посета на Битола и нагласи дека во овој период е важна општествената одговорност на сите и без исклучок.

– Државата ги презеде сите механизми што ги има в раце за спроведување на антикризните мерки. Инспекциските служби се обидуваат секаде да бидат каде што е тоа потребно. За жал на другата страна не секогаш има општествено одговорни претпријатија кои што општествено одговорно ќе се однесуваат, а тоа значи дали имаат залихи, а не ги пуштаат во оптек одредени производи. Тешко дека ќе можеме секаде да стасаме, но таму каде што имаме информација за одредени случаи, тогаш инспекциските служби соодветно реагираат, изјави Битиќи

Во овој момент, нагласи, кога се соочуваме со ваква криза, нашите граѓани треба да бидат спокојни затоа што храна има за сите, а ние ќе контролираме согласно антикризните мерки.

-За жал оваа криза покажа дека како јавност треба да се освестиме и да произведуваме храна. Да бидеш сточар не е неблагодарна професија, туку напротив продуктите од сточарството се битни за сите и исто така да бидеш производител на пченка или пченица е благодарна работа и затоа за развојот на земјоделството треба долгорочно да се планира, посочи вицепремиерот Битиќи.

На новинарско прашање поврзано со преговорите со СОНК кои вечерва продолжуваат, Битиќи кусо одговори дека од разговорите со СОНК очекува договор.