„Гласен текстилец“ соопшти дека успеале после долги судски постапки против македонска фирма, а подоцна и преговори со странски брендови, да објават дека странските модни брендови исплатиле надомест на текстилни работнички од Штип.
Како што велат, се работи за парична надокнада на работничките во отсуство на исплата на побарувањата на работниците од македонскиот„газда“, во која фирма овие брендови ги шиеле своите парчиња облека.
„По две години преговори, успеавме за 32 работнички да им бидат исплатени побарувања од износ од скоро 42.000 евра кои се однесуваат на К15, три плати, испратнини поради откази од деловни причини, како и штета направена на бремена работничка која изгуби право на платено породилно отсуство. Ова е нешто што се случува за прв пат во Македонија, па и на Балканот, каде претежно се наоѓаат фирмите кои шијат за странските модни брендови“, соопшти Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
Според неа, ова укажува дека европските брендови се општествено одговорни за разлика од компаниите кои работат во нивниот синџир на производство, но, вели таа, ваквите случаи можат да предизвикаат прекин на соработката со неодговорните работодавачи од државите производители.
„Ова е доказ дека македонските работодавачи кои работат за странски компании не се недопирливи и при вакви случаи можат да се соочат со одредени штетни последици. Продолжуваме со ваквите пракси на интернационално застапување во корист на работниците кај странските брендови се со цел почитување на човековите и работничките права на македонските текстилни работници“, потенцираше Ампева.
Инаку, Ампева е една од говорничките на годинешниот собир за социјален активизам „ENGAGE“, каде во петок токму ќе зборува на тема „Правата на текстилните работнички: Глас за справедливост и достоинство“.