Гласините за можен излез на Мендух Тачи од коалицијата на Европскиот фронт продолжуваат да предизвикуваат реакции во јавноста, откако беше забележано дека тој не се појавува на состаноците на коалициските партнери. Според пратеничката група на ДУИ, бројот на пратеници останува ист, иако Тачи веќе извесен период е отсутен од коалициските собири.
Меџити: Европскиот фронт нема идеолошка основа
Првиот вицепремиер, Изет Меџити, изјави дека оваа ситуација е доказ дека партиите од Европскиот фронт се споиле не поради заедничка идеологија, туку заради политички опстанок. Според него, нема официјални информации дали Тачи или други пратеници од оваа коалиција се во преговори за преминување во парламентарното мнозинство.
Мицкоски: Парламентарното мнозинство е стабилно
На оваа тема не сакаше да коментира ниту премиерот Христијан Мицкоски, кој изјави дека ситуацијата со албанскиот опозициски блок е нивно внатрешно прашање. Тој додаде дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека е блиску до обезбедување на две третини од гласовите, без да навлегува во детали за преговори со други пратеници.
Тачи и Ахмети молчат за шпекулациите
И покрај шпекулациите дека Мендух Тачи размислува за напушање на Европскиот фронт, официјални изјави од него или од Али Ахмети не се дадени. Некои медиуми наведуваат дека Тачи би можел да ја продолжи соработката со Ахмети, но засега нема конкретни потврди. Од партијата на Тачи најавија дека ќе објават повеќе детали во следните денови.