Главниот осомничен директно го извршил убиството

Основното јавно обвинителство во Штип поднесе обвинителен акт против петмина турски државјани осомничени за убиството на Енес Оздемир, кое се случи во мај оваа година. Еден од нив се товари за директно извршување на кривичното дело „убиство“ и за неовластено поседување оружје, додека тројца ќе одговараат за помагање при извршување на делото. Петтата обвинета е осомничена дека му помогнала на сторителот по извршувањето на тешкото кривично дело.

Пиштол купен нелегално, средба завршена со смртоносни истрели

Според обвинението, првообвинетиот, 21-годишен турски државјанин без регулиран престој во земјава, во Скопје нелегално набавил полуавтоматски пиштол марка „FEG“ со избришани ознаки. На 8 мај се сретнал со жртвата во кафе-бар во центарот на Штип, каде по краток разговор извадил оружје и испукал неколку куршуми, нанесувајќи му шест прострелни рани на Оздемир, кои биле смртоносни.

Помош и бегство – сите завршија во притвор

Тројцата сообвинети, иако знаеле за намерата на убијцата, му помогнале со сместување, превоз и набавка на оружјето. По извршувањето на убиството, заедно се обиделе да избегаат кон Скопје. Петтата обвинета со свој автомобил му овозможила бегство, но убијцата бил фатен од полицијата кај патарината „Миладиновци“, додека останатите четворица биле приведени на лице место.

Обвинителството побара продолжување на мерката притвор за четворица обвинети, а за петтата остануваат на сила мерките на претпазливост.

Извор: Скопје1