Продолжува растот на зелените кредити во портфолијата на банките и во вториот квартал од 2024 година. Според податоците на Народната банка, во вториот квартал од 2024 година растот на „зелените кредити“ изнесува 2,6 милијарди денари или 2,8 %, додека на годишна основа растот на овие кредити забави и изнесува 14,9 %. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, „зелените кредити“ се зголемени за 2,8 пати. „Зелените кредити“ се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестиции во нова еколошка технологија.
Според податоците на Народната банка, на крајот од второто тримесечје од 2024 година, состојбата на „зелените кредити“ во билансите на банките изнесува 20.423 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со второто тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.407 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 1.016 милиони денари.
Расте и уделот на „зелените“ во вкупните кредити, иако сѐ уште е на релативно ниско ниво. Oд крајот на 2019 година, заклучно со второто тримесечје од 2024 година, учеството на „зелените“ во вкупните кредити е зголемено од 2,2 % на 4,5 %, колку што изнесува во последните три квартали.
Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон „зелената“, одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на „зеленото финансирање“, вклучувајќи ги и монетарните мерки.