Годишен раст од 9,9% е забележан кај вкупните депозити и од 12,6% кај вкупните кредити во  февруари. На месечна основа вкупните депозити се намалени за 1%, а вкупните кредити се зголемени за 0,2%, објави Народна банка.

Сега, според податоците на Народна банка, компаниите и граѓаните во банките имаат депозити во вкупен износ од 10,6 милијарди евра, а се задолжени со кредити во износ од 9,1 милијарди евра.

Според банката, растот на депозитите  е предизвикан од повисоките депозити на домаќинствата и на корпоративниот сектор, со поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства”, а кај кредитите растот  е  резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај корпоративниот сектор.

Депозитите на корпоративниот сектор бележат раст од 9,0% и во најголем дел произлегува од зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, при дополнителен позитивен придонес и на краткорочните, и на долгорочните депозити во денари, додека долгорочните депозити во странска валута остварија пад.

 

Овој месец, кредитите на корпоративниот сектор забележаа раст од 14,3% што во целост се должи на зголеменото кредитирање во денари

 

Овој месец, кредитите на корпоративниот сектор забележаа раст од 14,3% што во целост се должи на зголеменото кредитирање во денари, при забележан пад на кредитите во странска валута.

Кај домаќинствата, пак, вкупните депозити на годишно ниво пораснаа за 11,4% како резултат на растот на депозитните пари и долгорочните депозити во денари, при помал раст и на останатите компоненти.

Во февруари, кредитите на домаќинствата остварија годишен раст од 11,3%, што се должи на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во февруари, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат годишен раст од 10,6% односно од 16,1%. Овој месец, автомобилските кредити се зголемени за 3,0% на годишно ниво, додека кај кредитите одобрени на кредитните картички е забележано годишно намалување од 5,1%.

Во февруари, негативните салда на тековните сметки бележат годишен раст од 0,8%, а кредитите одобрени врз други основи остварија годишно намалување од 11,2%.