Сатиричниот филм „Дигер“ (*Digger*), со Том Круз во главната улога, би можел да заврши со загуба од околу 250 милиони долари, вклучително и по пресметувањето на приходите од планираните прикажувања. Доколку проценката се оствари, тоа би била убедливо најголемата финансиска загуба во кариерата на Круз и една од најголемите за филм во последниве години.
Претходните процени предвидуваа загуба од околу 125 милиони долари, но слабите резултати од почетокот на киноприкажувањето ја влошиле проекцијата. Филмот, чиј буџет изнесувал 173 милиони долари, во првиот викенд заработил само осум милиони долари во Северна Америка и вкупно 21 милион долари на светско ниво. Дополнителни 100 милиони долари биле потрошени за маркетинг, главно за промотивната турнеја на Том Круз.
Според извори од креативната компанија „Скајденс“ (*Skydance*), филмот најверојатно нема да заработи повеќе од 40 милиони долари во кината ширум светот. Продукциската куќа „Ворнер брос“ (*Warner Bros.*) одбила да ги коментира овие наводи, објави порталот „Д реп“ (*The Wrap*).
Круз во црната комедија го игра богатиот нафтен магнат Дигер Роквел, чии ископувања предизвикуваат глобална еколошка катастрофа. Со маска и протези, актерот е речиси непрепознатлив како остарен, дебел и ќелав милијардер, кој живее со својата болна мачка и меѓу препарирани животни.
Критичарите имаат поделени мислења за филмот. Некои го оцениле како збунувачки, додека други го пофалиле како смела и комично претерана сатира.
Првично, филмот се сметал за ветувачки потфат, бидејќи го означувал почетокот на новиот договор меѓу Круз и „Ворнер брос“. Се очекувало и соработката на актерот со режисерот Алехандро Ињариту, двократен последователен добитник на „Оскар“ за режија, да биде успешна комбинација.
По промените во раководството и отпуштањата, „Скајденс“ ќе има нова можност да соработува со Круз преку филмот „Денови на грмотевицата 2“ (*Days of Thunder 2*). Продукцијата треба да започне следната година, а Ен Хатавеј ќе ја игра главната женска улога.
