Повикот за ваучери за студенти за електронски уреди има исклучително добар одѕив. Заклучно со вчера 27.000 студенти ги подигнаа ваучерите, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
За шпекулациите дека некои студенти ги продаваат ваучерите тој посочи дека остава на совеста на оние што ги користат.
– Како ќе се искористат, тоа оставаме на совеста на тие кои што ги користат. Ние, како Влада, влеговме во овој проект, го ветивме, како и многу други, го испорачуваме се. Има и такви појави кога некој ги препродава за пониска цена. Но, мислам дека и да ги препродале, не би можеле да бидат искористени, бидејќи таму се лични податоци. Така што мислам дека се тие обиди јалови. Тоа ме загрижува, подвлече Мицкоски.
Студентите имаат можност да аплицираат за ваучери за набавка на електронски уреди во висина од 15.300 денари. Јавниот повик е отворен до 20 декември 2025 година, а реализацијата на ваучерите, односно подигањето на уредите, може да се изврши до 31 декември 2025 година.
