Интересот за медицинските науки е голем. Годинава биле пријавени над 950 кандидати, а денеска, на првиот академски час, индекс им беше врачен на повеќе од 700 бруцоши.
– И оваа, како и претходните години, интересот за студии на нашиот факултет останува голем, што се покажува и со бројот на пријавени кандидати за упис. Беа пријавени над 950 кандидати, а денес ќе се здобијат со индекс над 710 бруцоши, од кои 265 за студиите по општа медицина, а 445 за тригодишните стручни студии, истакна новиот декан на Медицинскиот факултет при УКИМ, професор доктор Светозар Антовиќ, на почетокот на академската година.
Од своето формирање досега, на Медицинскиот факултет се запишани вкупно 27.242 студенти, од кои 12.361 дипломирале и се стекнале со стручен назив доктор на медицина, a 2.699 со диплома на една од тригодишните стручни студии.
Ректорката на УКИМ, професор доктор Биљана Ангелова, посака успешен старт на новата учебна година, на, како што нагласи, најстариот, најголемиот, најдобриот и најреномиран универзитет во нашата држава.
– Овде ќе се сретнете со врвни експерти кои поседуваат не само стручни, туку и индивидуални квалитети и академски вештини што ќе ви овозможат успешна кариера на полето на медицината и здравството. Медицинскиот факултет како една од најстарите високообразовни установи во државата има одговорност за одржување на нивото на квалитет на наставата и пренесување на знаењето на помладите генерации, нагласи Ангелова.