Чад, исклучена струја и револт кај граѓаните

Сериозен пожар избувна денеска околу пладне во кругот на поранешната депонија Вардариште, оставајќи голем дел од Скопје без електрична енергија. Од засегнатиот пожар, без струја останаа делови од општините Аеродром, Ново Лисиче и Гази Баба.

Жителите преку социјалните мрежи реагираат бурно и бараат итна интервенција. Според нивните сведоштва, веќе неколку часа се борат со високи температури и чад, без можност да користат основни уреди или да вклучат клима-уреди.

„На 35 степени зачадени ни ја исклучија струјата. Ако отвориш прозор ќе се угушиш од чад“, порачуваат револтирани граѓани на Фејсбук и Инстаграм.

Седум пожарни возила и 20 пожарникари на терен

Од Центарот за управување со кризи (РЦУК) – Скопје информираат дека пожарот зафатил голема површина со сува трева и отпаден материјал. Гаснењето е во тек од околу 12:00 часот. Во интервенцијата се вклучени седум противпожарни возила и над 20 пожарникари, кои се обидуваат да го стават пожарот под контрола.

Поради опасноста пожарот да ја зафати трафостаницата и електричните водови, превентивно е исклучена струјата во погодените зони, со цел да се избегнат посериозни штети или несреќи.