Нови акции за ослободување на јавниот простор на плажите се спроведени на Халкидики, каде што од три различни локации е отстранета нелегално поставена опрема. Интервенциите биле извршени во Пефкохори и Флегра, на првиот крак, како и во Каливес, меѓу првиот и вториот крак.

Целта на акциите е плажите да останат слободни и достапни за сите, јави дописничката на МИА од Атина.

Од општина Полигирос информираа дека од плажата во Каливес биле отстранети над 170 чадори и друга опрема за плажа. Тие биле трајно поставени на јавни површини, со што заземале делови од крајбрежјето.

Од општината нагласија дека, со оглед на тоа што туристичката сезона на Халкидики продолжува, продолжуваат и интервенциите за ослободување на јавните површини.

Општинската власт порача дека плажата не смее да се претвора во простор за приватно користење. Според нив, секој граѓанин, посетител или жител треба да има можност слободно да избере каде ќе седи и непречено да пристапи до морето.

„Нашата намера е да обезбедиме отворен пристап до плажата за сите граѓани, а не само за привилегираните, односно за оние кои имаат куќа до морето, туку за сите“, посочи за време на акцијата Василис Фардојанис, заменик-градоначалникот на општина Полигирос.

Паралелно со акцијата во Каливес, општина Касандра спроведе интервенции за отстранување на лежалки, чадори и друга опрема со цел заштита на јавните површини. Првата акција била спроведена вчера во Флегра, а втората денеска во Пефкохори.

Интервенциите биле реализирани по пријави поднесени до полициската станица Касандра, надлежната општинска служба, како и до Министерството за туризам на Грција. На акциите им претходело известување со кое било побарано опремата да биде отстранета од плажите.

Од општина Касандра потсетуваат дека предметите што се отстрануваат и се собираат во рамките на овие акции нема да се чуваат за враќање и повторно нема да им бидат предадени на нивните сопственици.

„Општина Касандра ќе продолжи со контролите и интервенциите каде што е потребно, со цел заштита на јавниот простор и еднаква примена на правилата за сите“, соопштија од општината.

Слични акции за отстранување нелегално поставена опрема од плажите беа спроведувани и во изминатиот период, како во општина Касандра, така и во општина Полигирос.