Во северниот дел на Крим експлодираше складиште за муниција, јави руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на управата на селото Мајское.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нема жртви во експлозијата, пренесе државната новинска агенција РИА. Претходно, РИА исто така објави за пожар во трафостаница на Крим на 20 километри од селото. Крим, кој е под руска контрола од 2014 година, иако поголемиот дел од светот го признава како украинска територија, беше главната почетна точка за воената кампања што Русија ја започна во Украина на 24 февруари.
Украина официјално не ја потврди или негираше одговорноста за експлозиите што се случија на Крим во последните денови.
„Потсетување: Крим како нормална земја е – Црно Море, планини, рекреација и туризам, но Крим окупиран од Русија е – експлозии во магацини и висок ризик од смрт за напаѓачите и крадците“, напиша на Твитер советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак по експлозиите во вторникот.
Руските извештаи не прецизираат колку вкупно експлозии се случиле.
Минатата недела, серија експлозии во воената воздухопловна база во градот Новофедоривка, на западниот брег на Крим, се чини дека предизвикале голема штета и уништиле неколку руски воени авиони, според комерцијалните сателитски снимки. Русија го нарече инцидентот несреќен случај.